македонски english
почетна мапа контакт

 


Соопштение за медиумите

Заштита на интересите на членовите на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување Трендот на намалување на трошоците во задолжителното капитално финансираното пензиско осигурување продолжува и во 2010 година

Развојот на задолжителното капитално финансираното пензиско осигурување, изразен преку континуирано зголемувањето на бројот на членови, придонеси и средства во задолжителните пензиски фондови, дава реална можност за рационализација на трошоците во ова осигурување, тренд кој постоеше и во минатите години.

Оттаму, државните институции кои наплатуваат надоместоци од друштвата кои управуваат со задолжителни пензиски фондови за 2010 година ги намалија надоместоците за 33%. Имено, МАПАС го намали својот надоместок од 1% на 0,8%, додека Фондот на ПИОМ го намали својот надоместок од 0,5% на 0,2% или вкупно надоместокот се намали од 1,5% на 1%.  Ова предизвикува намалување на трошоците на пензиските друштва. 

Од друга страна, зголемениот прилив на придонеси и зголемувањето на средствата во задолжителните пензиски фондови доведе до зголемување на основицата од која пензиските друштва наплатуваат надоместоци, што последователно води кон можност за намалување на овие надоместоци. Имено, минатата година пензиските друштва наплатуваа 6,5% односно 6,8% од придонесите, како и 0,05% месечно надоместок од средствата на пензискиот фонд. Согласно законските овластувања, МАПАС донесе Одлука за максималната висина на надоместокот од придонеси уплатени во задолжителен пензиски фонд за 2010 година, на која согласност даде Владата на Република Македонија, со која се утврдува максималната висина на надоместокот од придонеси во износ од 5,5% т.е. намалување од околу 15% до 19% во однос на надоместоците кои ги наплатуваа друштвата во 2009 година. Значи, доколку 5,5% се намалат за  1 процентен поен (колку што наплатуваат државните институции) за друштвата преостануваат 4,5% од придонесите, какодополнително на 0,6% од средствата на годишно ниво (средствата во текот на мината година се зголемија од 80 на 140 милиони евра). 

Оваа одлука беше донесена врз основа на детална анализа и проекции за приходите и расходите на друштвата кои управуваат со задолжителни пензиски фондови, како и влијанието на овој надоместок врз очекуваните пензии на членовите на задолжителните пензиски фондови. Целта на анализата беше да се определи разумен максимален износ на надоместок од придонеси кој ќе биде доволен (заедно со останатите приходи на друштвото), да се покријат трошоците на друштвата, да се платат надоместоците на вклучените институции, да се овозможи основачите на друштвата да заработат прифатлива стапка на принос на својата инвестиција, од една страна и од друга страна, едновремено да се оствари позитивен ефект врз средствата на членовите на задолжителните пензиски фондови и износот на нивната идна пензија од вториот столб. Со наплатувањето на надоместок од придонеси од страна на друштвата кои управуваат со задолжителни пензиски фондови во определената висина, беше проценето дека нема да дојде до нарушување на нормалното работење на друштвата и има можност за остварувањето разумна добивка, а едновремено ќе се обезбеди позитивен ефект врз идната пензија на членовите на задолжителните пензиски фондови, што значи одлуката е во насока на заштита на интересите на членовите.