македонски english
почетна мапа контакт

 

Пензиска реформаЧленство во задолжителните приватни пензиски фондови
Споредба меѓу едностолбен и двостолбен пензиски систем|Што треба да знаете за да изберете задолжителен пензиски фонд|Информирајте се за своите права

Членство во задолжителните приватни пензиски фондови

Кои се измените на пензискиот систем?

Во едностолбниот пензиски систем, работодавецот уплаќа придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за секој работник во Управата за јавни приходи (УЈП) и потоа тие се пренесуваат во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (Фондот на ПИОМ). Во реформираниот систем се плаќа иста вкупна стапка на придонес и за осигурениците кои припаѓаат само на првиот столб и за членовите на двостолбниот пензиски систем . Новина е тоа што има приватни задолжителни пензиски фондови за чии членови пензиското и инвалидското осигурување се обезбедува едновремено од страна на Фондот на ПИОМ и од страна на избраниот задолжителен пензиски фонд. Ова го претставува двостолбниот пензиски систем. Вкупната стапка на придонес се дели на два дела и тоа: 65% се задржува во Фондот на ПИОМ, додека 35% се префрлаат на индивидуална сметка во избраниот задолжителен пензиски фонд. Придонесот префрлен на индивидуалната сметка се акумулира и се оплодува се до остварувањето право на пензија.

Сите лица што се вработиле по прв пат по 1 јануари 2003 година задолжително преминуваат во двостолбниот систем. Оние што се вработиле пред овој датум имаа можност да изберат дали да се приклучат на двостолбниот систем или да останат во едностолбниот систем.

За оние осигуреници што  останаа во едностолбниот пензиски систем, пензијата ќе се исплаќа единствено од страна на Фондот на ПИОМ и за нив нема да има измени во начинот на кој ќе го стекнуваат правото на својата пензија. Оние лица пак што се приклучија или ќе се приклучат кон двостолбниот пензиски систем и се зачленија или ќе се зачленат во еден од задолжителните пензиски фондови, ќе примаат комбинирана старосна пензија од Фондот на ПИОМ и од средствата на задолжителниот пензиски фонд акумулирани на нивната индивидуална сметка во задолжителниот пензиски фонд во моментот на пензионирање. Фондот на ПИОМ ќе продолжи да ги исплаќа инвалидската, семејната пензија и гарантираната минимална пензија за осигуреникот без разлика во кој систем членува осигуреникот.

Задолжително и доброволно членство во ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ приватни пензиски фондови

Ако сте:

Тогаш:

Задолжително членство

Вработени за прв пат после 1 јануари 2003 година

Вие задолжително мора да се зачлените во еден од приватните пензиски фондови, а можете да избирате во кој фонд ќе членувате.

Одете на Што треба да знаете за да изберете задолжителен пензиски фонд? за да добиете информации за тоа што треба да земете во предвид кога ќе одлучувате во кој од фондовите да се зачлените.

Исто така корисни информации можете да најдете и на Информирајте се за своите права како член на приватен пензиски фонд.

Доброволно членство

Вработени за прв пат пред 1 јануари 2003 година, кои во периодот на зачленување (20.09.2005-31.12.2005г) не биле во работен однос

Доколку во периодот на зачленување (20 септември 2005 год – 31 декември 2005 год) не сте биле во работен однос, имате право на доброволен избор за членство во приватен пензиски фонд во рок од три месеци сметано од датумот на повторното вработување. Зачленувањето е Ваш личен избор и тоа е Ваша одлука.

со помалку од 5 години регулиран работен стаж до моментот на зачленување

Доколку сте во оваа категорија и се зачлените во еден од приватните пензиски фондови, најверојатно ќе добивате поголема пензија.

За повеќе информации за прашањата кои треба да ги земете во предвид пред да донесете конечна одлука, одете на Дали двостолбниот пензиски систем е најдобра опција за вас? За да добиете проценка на очекуваната пензија кликнете на Калкулатор за пресметување на пензија. Доколку се одлучите да се зачлените во еден од приватните пензиски фондови одете на Што треба да знаете за да изберете задолжителен пензиски фонд? каде ќе добиете корисни информации за тоа што треба да земете во предвид кога ќе одлучувате во кој фонд да се зачлените. Исто така корисни информации можете да најдете и на Информирајте се за своите права како член на приватен задолжителенпензиски фонд.

 

 

со 5-10 години регулиран работен стаж до моментот на зачленување

Доколку сте во оваа категорија и се зачлените, треба да знаете дека 5 до 7 години од работниот стаж пред датумот на зачленување во приватен пензиски фонд ќе ви бидат признаени при пресметување на делот од Вашата пензија што ќе го добивате од Фондот на ПИОМ. Во овој случај веројатно ќе добивате поголема пензија во двостолбниот систем.

За повеќе информации за прашањата кои треба да ги земете во предвид пред да донесете конечна одлука, одете на Дали двостолбниот пензиски систем е најдобра опција за вас? За да добиете проценка на очекуваната пензија одете на Калкулатор за пресметување на пензија. Доколку се одлучите да се зачлените во еден од приватните пензиски фондови одете на Што треба да знаете за да изберете задолжителен пензиски фонд? и на Информирајте се за своите права како член на приватен пензиски фонд за да добиете корисни информации за тоа што треба да земете во предвид кога ќе одлучувате во кој фонд да се зачлените.

со повеќе од 10 години регулиран работен стаж до моментот на зачленување

Треба сериозно да размислите за Вашата одлука. Постои голема веројатност дека би имале поголема пензија доколку не се зачлените во еден од приватните пензиски фондови.

Затоа разгледајте ја информативната страница Дали двостолбниот пензиски систем е најдобра опција за вас? и користете го Калкулаторот за пресметување на пензија за да добиете проценка на очекуваната пензија.

 Пензионер

Вашата пензија останува сигурна во постоечкиот пензиски систем и не се менува.

 

 

Категории членови

Период на избор

Доброволни членови

Вработени по прв пат пред 1 јануари 2003, а кои не биле во работен однос во периодот на зачленување (20.09.2005-31.12.2005г)

Три месеци од датумот на повторното вработување.

Задолжителни членови

Вработени по прв пат по 1 јануари 2003 година

Три месеци од датумот на прво вработување.

Секој вработен има право на личен избор со кое пензиско друштво ќе склучи договор за членство во задолжителен пензиски фонд. За да донесете вистинска и сигурна одлука, МАПАС Ви препорачува:

  • Користете го калкулаторот за проценка на пензијата
  • Разговарајте со агенти на двете друштва пред да одлучите во кој фонд ќе се зачлените и при тоа побарајте ја легитимацијата на агентот со кој разговарате
  • Доколку потпишете договор за членство во задолжителен пензиски фонд со што го официјализирате својот избор, имате право во рок од 8 дена да се предомислите и да го раскинете претходно потпишаниот договор.

Работодавецот нe смее да влијае врз своите вработени да се приклучат кон одреден задолжителен пензиски фонд и не смее да дозволи вршење на маркетинг на работното место на вработените, согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Исто така работодавците, вработените, синдикалната организација или друго колективно тело не смеат да примаат подароци или други поволности заради зачленување во некој задолжителен пензиски фонд.