ИНСТИТУЦИИ НА НОВИОТ РЕФОРМИРАН СИСТЕМ
Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување
Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување е основана заради вршење супервизија на работењето на друштвата за управување со пензиски фондови и пензиските фондови со крајна цел да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови (осигурениците). Агенцијата има својство на правно лице и за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. Агенцијата е одговорна за издавање, повлекување и одземање дозволи за основање на друштва, вршење дејност - управување со пензиски фондови и издавање, повлекување и укинување на одобренија за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Таа врши супервизија на работењето на пензиските друштва, задолжителните и доброволните пензиски фондови, како и на чуварите на имот и на странските менаџери на средства. Исто така, Агенцијата го промовира, го организира и го поттикнува развојот на капитално финансираното пензиско осигурување во Република Македонија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и ја развива свеста на јавноста за целите и принципите на пензиските друштва и на задолжителните и доброволните пензиски фондови, за придобивките од членување во задолжителен и/или доброволен пензиски фонд, вклучувајќи ги и целите, принципите и придобивките од учество во професионална пензиска шема, за правата на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови и за други прашања во врска со капитално финансираното пензиско осигурување. Агенцијата соработува со Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија, Комисијата за хартии од вредност, и други институции со цел да обезбеди ефикасна контрола на капитално финансираното пензиско осигурување во Македонија. Покрај годишниот извештај за своето работење кој Агенцијата го поднесува до Владата и Собранието на РМ, таа изготвува и објавува годишен извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување со што се обезбедува транспарентност во ова осигурување.
Пензиски друштва
Постојат три вида на пензиски друштва:
- Друштво за управување со задолжителни пензиски фондови – акционерско друштво чии основачи се финансиски институции со голем капитал и искуство, чија единствена дејност е управување со средствата на задолжителните пензиски фондови.
- Друштво за управување со доброволни пензиски фондови – акционерско друштво чии мнозински основачи се финансиски институции со голем капитал и искуство, чија единствена дејност е управување со средствата на доброволните пензиски фондови.
- Друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови – акционерско друштво основано од финансиски институции со голем капитал и искуство, чија единствена дејност е управување со средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови.
Овие друштва се акционерски друштва чија единствена дејност е управување со пензиски фондови, нивно претставување пред трети лица и активности кои директно произлегуваат од вршењето на работата на управување со пензиски фондови. Поради тоа друштвото не може да врши други дејности предвидени во националната класификација на дејности. Основачите на овие друштва кои имаат 51% од основачкиот капитал мора да се банки, осигурителни друштва или други финансиски институции. Тие добиваат дозвола за работа од Агенција за супервизија. Задачата на овие друштва е да ги инвестираат средства на пензиските фондови со цел да ја зголемат нивната вредност. Тие водат ажурна евиденција на личните сметки на членовите на пензиските фондови и редовно ги известуваат членовите и Агенцијата за состојбата на средствата и трошоците од работењето.
Нешто повеќе за друштвата кои управуваат со пензиските фондови.
Чувар на средствата на пензиските фондови
Чувар на имот е институција на која и е доверена одговорноста за чување на средствата на пензиски фонд, а нејзините функции во врска со чувањето на средствата се утврдени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Сите инструменти во кои се вложени средствата на пензискиот фонд мора да се чуваат од страна на чувар на имот. Друштвото е должно да избере единствен чувар на имот, на кого ја доверува одговорноста за чување на средствата на пензискиот фонд и со кого склучува договор за чување на имот. Чувар на имот на средствата на задолжителните пензиски фондови во почетниот период беше Народната банка на Република Македонија (како преодно решение), но сега веќе се премина кон системското решение според кое чувар на имот на домашните средства на задолжителните пензиски фондови е деловна банка која има дозвола издадена од Народната банка на Република Македонија и која ги исполнува условите наведени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Чувар на имот на средствата на доброволните пензиски фондови е деловна банка која има дозвола издадена од Народната банка на Република Македонија и која ги исполнува условите наведени во Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Министерство за труд и социјална политика
Социјалната сигурност на граѓаните на Република Македонија е уставна обврска на државата, при што пензиското и инвалидското осигурување претставува носечка компонента на системот на осигурување. Министерство за труд и социјална политика е надлежно за креирање на политика на пензиското и инвлаидското осигурување и за вршење надзор и контрола во спроведувањето на ова осигурување. Едновремено, ова министерство го унапредува и го следи неговиот развој со цел да обезбеди сигурен и стабилен пензиски систем на долг рок. Министерството врши контрола врз законитоста на работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија
Остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување врз основа на генерациска солидарност се врши преку Фондот на ПИОМ. Во реформираниот пензиски систем тој се грижи за првиот столб, а покрај постојните надлежности, добива и нови функции во врска со вториот столб меѓу кои најважни се:
- ги пренесува придонесите за пензиско и инвалидско осигурување во задолжителните пензиски фондови за членовите на вториот столб,
- врши усогласување на уплатените придонеси со добиените податоци и доставува податоци до друштвата за извршениот пренос,
За да ги реализира овие функции, Фондот на ПИОМ одржува база на податоци за лицата вклучени во ова осигурување и за избраниот задолжителен пензиски фонд. Во прилог на ова, Фондот на ПИОМ обезбеди бесплатен комјутерски софтвер за работодавците, кој овозможува доставување на податоци во електронски облик.
|