За МАПАС
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување е основана во месец јули 2002 година со именување на директорот од страна на Владата на Република Македонија. Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување е основана заради вршење супервизија на работењето пензиските фондови со крајна цел да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови (осигурениците). Агенцијата има својство на правно лице и за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. Агенцијата е одговорна за издавање, повлекување и одземање дозволи за основање на друштва, вршење дејност - управување со пензиски фондови и издавање, повлекување и укинување на одобренија за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Таа врши супервизија на работењето на пензиските друштва, задолжителните и доброволните пензиски фондови, како и на чуварите на имот и на странските менаџери на средства. Агенцијата исто така го промовира, го организира и го поттикнува развојот на капитално финансираното пензиско осигурување во Република Македонија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и ја развива свеста на јавноста за целите и принципите на пензиските друштва и на задолжителните и доброволните пензиски фондови, за придобивките од членување во задолжителен и/или доброволен пензиски фонд, вклучувајќи ги и целите, принципите и придобивките од учество во професионална пензиска шема, за правата на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови и за други прашања во врска со капитално финансираното пензиско осигурување. Агенцијата соработува со Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија, Комисијата за хартии од вредност и други институции со цел да обезбеди ефикасна контрола на капитално финансираното пензиско осигурување во Македонија. Покрај годишниот извештај за своето работење кој Агенцијата го поднесува до Владата, таа изготвува и објавува годишен извештај за состојбите во капитално финансирано пензиско осигурување со што се обезбедува транспарентност во ова осигурување.  |