|
|
|
|
 |
|
|
 |
 |
|
|
Објавен Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2009 година
Објавен е четвртиот годишен извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување, кој беше разгледан на последната седница на Управниот одбор на МАПАС. Согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС има обврска еднаш годишно да изготви и објави извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во Република Македонија. Извештајот содржи појаснувања на карактеристиките на капитално финансираното пензиско осигурување, податоци за капитално финансираното пензиско осигурување, оценка на извршувањето на прописите во областа на капитално финансирано пензиско осигурување и други податоци од значење за ова осигурување. Во овој извештај, кој се однесува на 2009 година, детално се опишани состојбите во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (т.н. втор столб), кое постои повеќе од 4 години и во доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (т.н. трет столб), кое е во почетна фаза од неговото функционирање.
Зачленувањето на членови во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување продолжи на редовна основа во текот на 2009 година и бројот на членови достигна бројка од над 237.000 членови. Тековно се вршеше инвестирање на средствата на задолжителните пензиски фондови, чиј износ достигна големина од приближно 9 милијарди денари (или над 140 милиони евра). Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови се состои од домашни државни хартии од вредност, депозити и акции, со мал дел инвестиции во странство. На крајот на 2009 година, како резултат работењето на задолжителните пензиски фондови во периодот од претходните три години (2007 – 2009) беше остварен просечен принос на задолжителните пензиски фондови од околу 3,9%, сведен на годишно ниво. Во втората половина на 2009 година профункционира и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување. До крајот на 2009 година во ова осигурување се зачленија над 1600 членови (како индивидуални членови или како учесници во професионални пензиски шеми). Инвестициското портфолио на доброволните пензиски фондови е слично по структура како и портфолиото на задолжителните пензиски фондови (домашни државни хартии од вредност, депозити и акции), што се должи на фактот што третиот столб е сеуште во иницијална фаза на неговото функционирање. На крајот на 2009 година средствата на доброволните пензиски фондови изнесува приближно 6 милиони денари (или околу 95 илјади евра). Согласно со закон, за доброволни пенизиски фондови кои работат помалку од 12 месеци, принос не се пресметува и не се објавува.
Светската економска криза имаше свое влијание и врз македонските пензиски фондови, но во текот на минатата година пензиските фондови, и кај нас и во светот, бележат тренд на опоравување од загубите. Мора да се истакне дека природата на пензиските фондови е многу долгорочна, па така треба и да се ценат нивните перформанси. Во секој случај континуирано мора да се следат состојбите во нив и да се преземаат мерки за нивно унапредување, со цел заштита на интересите на членовите.
Извештајот може да го најдете на следниот линк: Izvestaj KFPO 2009.pdf |
|
|
|
 |
|
 |
|
|
|
|